2 ПРВИТЕ ГОДИНИ НА ДЕЈЗИ Бременоста на Тереса, нејзина трета, иако претходните завршија
предвреме, течеше нормално, и покрај тоа што природно имаше немир
поради своето минато. Џон беше свесен за тоа и ѝ обезбеди приватна
медицинска сестра и уште една кола за да може градинарот да ја носи во
болница, во случај тој или Тони да не се дома. Меѓутоа, сѐ течеше
нормално, па Дејзи се роди дома едно сончево попладне, на 14 декември, со помош на бабица којашто ја обезбеди осигурителната компанија на
семејството. Раѓањето се одвиваше без проблеми, а Џон со блескава
гордост ја гледаше својата убава жена како го држи нивното убаво бебе.
Џон никогаш не бил по фотографирањето, но за една недела направи
стотици фотографии. Им ги покажуваше на пријателите и познаниците, а
кога ќе му кажеа дека бебето ги има неговиот нос или очи, нараснуваше од
гордост, иако самиот тој тоа не го гледаше. Нему ќерка му му беше плукната
на милата Тереса, а тој не ни сакаше да биде поинаку. Не ја изнесуваше
надвор од капија, но сакаше да ја шета со количката низ градините, да ѝ ги
опишува цветовите и птиците кога беше сигурен дека никој не може да го
слушне. Едно утро ја стопи Тереса кога таа намина да ја види Дејзи и го
виде Џон како ѝ ја пее „Бе-бе, црна овчичке“. Тој поцрвене од срам кога
виде дека таа го слуша, па таа повторно не го виде да го направи истото.
Набргу потоа запреа и прошетките низ градините, а тоа се одрази и на
Тереса бидејќи Џон не беше научен да се социјализира самостојно, па
сакаше жена му да му прави друштво, а тоа значеше дека им е потребна
дадилка. И покрај тоа што Тереса не го сакаше тоа, чувствуваше дека треба
да се покори поради тоа што Џон беше толку љубезен со неа.
Временските периоди во кои бебето Дејзи остануваше со дадилката
стануваа сѐ подолги и почести, сѐ додека бебето не покажа поголема љубов
кон Лиса, отколку кон мајка си. Тоа го скрши срцето на Тереса, но таа не
можеше ништо да преземе. Отприлика во тој период Тони почна да
забележува дека малата Дејзи често е сама во својата ограда во градината, па почна да наминува за да ја занимава. Нему не му пречеше некој да го
види или да мисли дека е будала; сакаше деца и отсекогаш жалеше што
немаше свои. Дејзи и него го засака и станаа блиски пријатели.
Џон сѐ почесто го немаше дома, и покрај тоа што канцеларијата му беше
таму, но бидејќи за него друг начин немаше, тоа не му пречеше. Тој така
беше воспитан.
Кога бебето прооде, се покажа дека брзо учи, а со приближно иста
брзина учеше шпански и англиски. Тереса ја искористи оваа прилика да си
го подобри познавањето од англискиот, кое дотогаш беше на разумно
просечно ниво за областа и нејзиното минато. Тоа подоцна ќе ѝ се најде и ќе
ѝ го подобри односот со ќерката.
Меѓутоа, и покрај сето тоа, Дејзи порасна, горе-долу, сама или поточно со
слугите. Таа живееше во истата вила со родителите, но Џон беше навикнат
да биде сам, а беше премногу стар да се менува. Тој сакаше да оди на
пијачки и вечери навечер, а очекуваше жена му да го придружува како што
жените на неговите пријатели ги придружуваа нив, и покрај тоа што ова
обично доведуваше до тоа жените да седат на едниот крај од масата, а
мажите на другиот откако ќе завршеше оброкот.
Додека да се вратеа дома, дадилката најчесто ќе ја имаше сместено в
кревет малата Дејзи, а таа ќе имаше заспиено додека ѝ читаа приказна. Што
е за право, дадилката на Дејзи ја сакаше нејзе како своја, а мајка ѝ на Дејзи
се трудеше колку може да надомести за редовните отсуства бидејќи не
престана да чувствува грижа на совест поради нив, но сега барем беше
убедена дека иднината на Дејзи е обезбедена, а тоа ѝ беше најважно од сѐ.
Дејзи нема да треба да го прави истото што таа го направи за да
обезбеди иднина за себе и за своите деца, кога ќе ги има еден ден.
Дејзи го следеше патот на многу деца на богати родители. На почетокот, односот кон неа се движеше од тоа да ја разгалуваат родителите кои
чувствуваа грижа на совест, до тоа истиот дека повторно да ја
занемаруваат. Потоа, кога наполни пет години, ја запишаа во предучилишна, каде што учителите се трудеа да ги заменат родителите и дадилките на
децата. Сите беа добронамерни, но сето тоа доведуваше до уште поголеми
забуна, изолираност и самотност кај засегнатите деца, а меѓу нив и кај
Дејзи.
Таа стануваше нечувствителна; осамено дете кое не бараше
пријателство или друштво. Тоа не ги спречуваше другите деца да
другаруваат со неа, но со ниту едно не се зближи. Таа немаше поим што е
тоа најдобро другарче.
На училиште повторно беше истото, иако на Дејзи добро ѝ одеше. За
волја на вистината, тоа беше така затоа што сакаше одобрување од татко ѝ.
Поубедена беше во мајчиното оти мајка ѝ поминуваше малку време со неа, кога не требаше да ги исполнува обврските кон социјалниот живот на Џон.
Во тој период од нејзиниот живот, кога беше во вишите одделенија, таа
првпат слушна за подвизите и репутацијата на татко ѝ како „тврдокорен
човек“. Некои дури одеа дотаму што го опишуваа како „безмилосен“ или
„ладнокрвен убиец“. Меѓутоа, ваквите описи за татко ѝ не ја тераа да се
запраша за неговиот карактер, туку само ѝ го потврдуваа неговиот статус на
херој во нејзиниот млад ум. Сепак, зарем мајка ѝ не го смета за „свој херој“?
А често и го нарекуваше така. Таа никогаш не разговараше за своите
чувства во честите прилики кога другите зборуваа лошо за татко ѝ, но не
реагираше ни кога за него зборуваа со страхопочит, иако во себе таа
нараснуваше од гордост за човекот за кого дознаваше повеќе од другите, отколку од прва рака, од него.
Во истото училиште учеше и на англиски и на шпански, и потполно
владееше и со двата јазика. Со подеднаква леснотија се мешаше со
богатите и сиромашните шпански деца и со богатите Британци. Немаше
запознаено сиромашни Британци, така што, додека не замина во интернат
во Британија на 16 години за да се стекне со напредни квалификации, немаше поим дека постојат. Во тој поглед беше како многу шпански деца.
Нејзините родители ја однесоа во Лондон за да се запише на интернат, но кога ја оставија таму, мајка ѝ целата во солзи, таа откри дека човекот кој
го нарекуваше чичко Тони, главниот за обезбедувањето на татко ѝ, најмногу
ѝ недостасува. Дадилките се менуваа, исто како нејзините наставници, но
Тони секогаш беше достапен, што не можеше да го каже за нејзините
родители. Тој ја научи да вози велосипед со помошни тркала и токму тој ѝ ги
извади и ја задржа кога се преврте. Ја имаше научено да плива, да се
качува по дрвја, да шутира и да фрла топка, па дури ја научи на основите на
боксот и каратето. Со радост се навраќаше на сеќавањата како гледа рагби
со него на телевизија и уживаше да гледа како се радува кога Англија ќе
освоеше поен или ќе играше особено добро.
Таа неколкупати за малку ќе заронеше некоја солза за тие среќни
денови, за кои знаеше дека веројатно ги нема засекогаш.
Токму во интернатот и на факултет, каде што студираше Бизнис и
економија на ЛСЕ, таа се здоби со кожа дебела како на носорог и стана
итра како лисица. Отсекогаш имаше необјаснива способност да го запомни
секој збор што некој некогаш го има речено за неа, нејзиното семејство, а
особено за татко ѝ. Имаше навика и сето тоа да го запишува во дневници и
тоа го правеше една деценија, но беше само начин на кој го запаметуваше
тоа. Во детството беше открила дека штом ќе запише нешто со свој
ракопис, повеќе не го заборава.
Колку да прави нешто настрана од часовите, а потоа и од студиите, се
запиша да тренира мешани боречки вештини. Беше вешта во кјокушин
карате со целосен контакт, а додека да заврши со студиите изучуваше
аикидо и бокс.
Џон и Тереса се чувствуваа како најгорди родители на планетата кога
отидоа во Лондон да гледаат како ќерка им ја зема дипломата како првенец.
Веднаш потоа со пријателите прославија во Риц, а вечерта кај една
другарка на Дејзи. Денот беше совршен, а можеби и единствен во десет или
петнаесет години кога Дејзи се чувствуваше заслужно за обајцата родители
истовремено.
Џон и Тереса ѝ понудија авио-билет од прва класа за целиот свет како
награда за нејзиното достигнување, а како изненадување во гаражата во
Шпанија имаа сосема ново порше 911 карера „ес“ кабриолет, но на нивно
зачуденост, Дејзи го одби авио-билетот.
„Ако не ви е проблем, повеќе би сакала да се вратам со вас во Малага“, рече таа. „Сакам некако да придонесам за семејниот бизнис. Ќе имам
доволно време за лет околу светот подоцна. Сакам да работам со тебе во
семејната фирма, тато.“
Тато, со своите осумдесет и шест години, не знаеше како да го
протолкува тоа, но во срцето почувствува топла светлина. Ја стави раката
околу ќерка си и ја стисна. Тоа беше редок момент на близина за обајцата.
Како алтернатива за летот околу светот, родителите ја почестија Дејзи со
шопинг од 5000 фунти во срцето на Лондон. Џон, како и обично, за да не ги
придружува жената и ќерката, го кажа изговорот дека го боли грбот, но тие
знаеја дека тој мрази шопинзи и отидоа сами. Си поминаа преубаво, а кога
се вратија, со новата облека парадираа пред него. Тој глумеше дека е
заинтересиран, но тие повторно, знаејќи го премногу добро, не очекуваа
ентузијазам за мода од него.
Загрижен за британските медиуми, Џон реши дека е побезбедно тој да се
врати во Шпанија следниот ден, а неговото мало семејство беше пресреќно
да оди со него. Тој толку долго не бил таму, што Британија, па дури ни
Лондон повеќе не ги чувствуваше за дом. На Тереса ѝ се допаѓаше Лондон, но само за шопинг, а Дејзи беше спремна да започне нов живот. Се
чувствуваше постаро, поодговорно и поподготвено да ги запознае
родителите колку што може повеќе за разлика од кога беше дете.
.„Имаш момче или некој посебен со кој би сакала да се збогуваш?“ ја
праша мајка ѝ.
„Не“, одговори таа дури и засрамено, но не беше срамежлива затоа што
имаше момче, туку беше проникливо свесна дека другите очекуваат убава
млада жена како неа да има, а немаше. Тереса не ѝ веруваше, но ја остави
таа тема. Факт е дека последните пет години, откако не беше дома, ја бркаа
купишта момчиња и мажи, но таа не успеа со никого да се зближи емотивно.
Се обиде кога беше прва година, навистина се обиде, но не уживаше во
бакнувањето, особено не на француски начин, а не сакаше ниту да ја
допираат ниту да очекуваат да задоволува момци. Имаше водено љубов
три пати со двајца различни партнери, но не уживаше во искуствата. Потоа
се откажа и се „вадеше“ на замислен свршеник во Шпанија за да си ја
задржи гордоста. Таа немаше ни другарки со кои беше доволно блиска за да
забележат дека никогаш не го запознале нејзиниот свршеник, којшто го
нарече Дик, зашто тоа ја засмејуваше.
Заклучи дека е асексуална, но длабоко во себе знаеше дека ни тоа не е
точно. Сакаше момци, не девојки, но не ѝ се допаѓаа или барем ниту еден
од тие што дотогаш ги имаше запознаено, а мораше да признае дека
запозна прилично доста на факултет.
Меѓутоа, со цел да се отараси од мајка ѝ, излезе сама неколку часа
вечерта, но само за да оди во кино и да јаде хамбургер.
Сите тројца, особено Дејзи, беа среќни што се враќаат дома во Шпанија
следното попладне.
3 УЧЕЊЕТО ЗАНАЕТ
Во неделата попладне откако се вратија, Дејзи му рече на татка си по
ручекот, „Тато, спремна сум да ти помогнам за што и да сакаш. Сакам да
бидам твојата десна машка рака, ова, девојчинска, т.е. женска, небитно како
ме гледаш. Мислам дека најдобро е работата да остане во семејството, така
што, ако сакаш, јас ќе ја преземам работата на Тони, како твој заменик од
утре.“
Таа очекуваше или барем се надеваше на уште една прегратка од својот
херој поради исказот на лојалност, но повторно се разочара, но веќе многу
години не дозволуваше да се познаваат тие работи на нејзиното убаво лице.
„Тони работи кај мене триесет и кусур години... Не можеш тукутака да го
замениш, душо... како и да е, што ли ќе каже мајка ти? Работата на Тони е
опасна. Не можам да те ставам на негово место...“
Ѝ се скрши срцето, но само таа знаеше.
„Јас само сакам да помогнам, тато. Сакам да си ја одиграм улогата во
организацијата што си ја поставил ти и којашто го плаќа нашиот начин на
живот... мојот и на мама.“
„Многу убаво од твоја страна, Дејзи, но не гледам како... Ќе ти кажам
што ќе направам. Дај ми неколку дена да размислам, па ќе ти најдам место
во нашиот семеен бизнис. Во ред ли е така?“
„Ми ветуваш?“
„Ти ветувам, пиле, до крајот на неделава.“